Сепак, токму овој чудесен црн напиток, на кој му должиме навистина вредни уживања, дружења со драги личности и златни моменти што ги „делиме“ со самите себе додека го сркаме, може практично да се искористи и на уште неколку начини – од употреба во домаќинството до разубавување. Ви откриваме седум феноменални начини како да го употребите домашното свежо мелено кафе.
За пилинг на телото
Кожа мека како свила, нежна, речиси како бебешка? Па која жена не би посакала ваква кожа. И додека веруваме дека користите разни пилинзи или маски за постигнување на ваков ефект, зошто да не пробате и да искористите свежо мелено кафе за тоа? За помека кожа, измешајте мелено кафе со гел за туширање или лосион за тело за да направите пилинг на целото тело.

Кафе како освежувач на простор
Зошто да се мрштите секојпат кога ќе го отворите фрижидерот и ќе се запрашате, што е ова што „мириса“. За да ги елиминирате сите непријатни кујнски мириси (на пример од фрижидерот или замрзнувачот) ставете тацна или чинивче со мелено кафе токму таму каде што сакате мирисите да исчезнат.
За миење на рацете
Колку пати ви се случило додека подготвувате ручек, секако сечете црн или бел лук и потоа не можете да се „ослободите“ од овој за многумина непријатен мирис од рацете? Ослободете се од тие „тврдоглави“ мириси што можат да останат на нив по готвењето така што нежно ќе ги истриете со мелено кафе и ќе ги исплакнете со ладна вода.
За миење садови
Веруваме дека сигурно никогаш не би помислиле на вакво нешто, но свежо меленото кафе може да ви помогне полесно да ги измиете мрсните тави и тенџериња. Сепак, ова не важи за сите тенџериња и тави. Исто така, избегнувајте ја оваа метода ако вашите тави се со светла боја, инаку може да дојде до создавање дамки.
Избркајте инсекти
Тие досадни мали мравки. Колку пати се случило да ги забележите во кујната, на терасата или во ходникот на вашиот дом. Одбијте ги инсектите (особено мравките) со посипување мелено кафе на местата од кои сакате да се ослободите од нив.
За посјајна коса
Сакате коса како од реклама? Ок, не мора баш да биде толку виткана, бујна и густа, но навистина би сакале секое влакно да блеска. Многу стручњаци велат дека кафето е тајната на ултра сјајната коса. Затоа сварете две шолји свежо мелено кафе, една за да уживате додека го пиете, а другата оставете ја да се олади, па со неа исплакнете ја влажната коса.
За „миризливи“ чевли
За никогаш да не ви биде непријатно кога ќе ги собуете чевлите, ако на пример одите на посета кај драги пријатели, во чевлите што планирате да ги носите ставете свежо мелено кафе. Ставете го кафето во стара чорапа или хулахопка, заврзете во јазол и оставете ги во чевлите да преноќат. Така, елиминирајте ги сите непријатни мириси.
Овие трикови за употреба на свежо мелено кафе можат на сите да им бидат од повеќекратна корист. Но пред да примените нешто од ова, имаме еден златен совет за вас – најдете си малку време за себе во текот на денот, опуштете се, сварете кафе и едноставно – уживајте!