Празниците поминаа, а вие и овој пат поголемиот дел од неработните денови ги поминавте работно – купувајќи подароци во последен момент, покрај шпоретот, расчистувајќи ја куќата пред гостите и по гостите… Првиот работен ден се разбудивте уморни и нервозни поради обврските што ве чекаат, со желба воопшто да не излегувате од креветот. Вистина е, на сите понекогаш им се случува да се чувствуваат вака, но ако безволноста и уморот траат подолго време, веројатно станува збор за синдром на современото време – burnout или „согорување”.
Според класификацијата на Светската здравствена организација, станува збор за хроничен стрес поврзан со работата кој не се третира на соодветен начин. Независно од работата со која некој се занимава, било да е директор кој поминува 12 часа во канцеларија или некој што се занимава со домаќинство, суштината е во чувството на ментална, емоционална и физичка исцрпеност предизвикана од долготраен, интензивен стрес. Статистиката покажува дека почесто ги погодува жените, на чии плеќи лежи повеќекратен товар. Тука се и секојдневните домашни работи, како и грижата за децата и постарите членови на семејството. И токму кога ќе помислат дека ја нашле идеалната формула за мултитаскинг за успешно жонглирање со сите обврски, може да им се случи да „изгорат”.
Како да ги препознаете симптомите?
Согорувањето не се случува одеднаш, туку полека се прикрадува, што го прави многу потешко за препознавање. Сепак, нашето тело ни испраќа одредени сигнали како предупредување. Најчестите симптоми се проблеми со спиењето и хроничен умор, а се јавуваат и проблеми со имунитетот, главоболки, болки во мускулите, како и ослабен апетит или барање утеха во храната. Карактеристично е и чувството на преоптовареност со активности и обврски, што е придружено и со чувство на бесмисленост. Доаѓа до пад на продуктивноста и на работа и во приватниот живот.
Можно е да се чувствувате беспомошно, безволно и целосно исцрпено бидејќи burnout навистина ја исцрпува енергијата. За разлика од уморот што исчезнува по соодветен одмор, кај синдромот на изгорување тоа не е случај. Може да се случи викендот или празниците да ги поминете во кревет, а првиот работен ден повторно да се чувствувате беспомошно и да не гледате перспектива дека нешто ќе се промени на подобро.
Што можете да преземете?
Најголема грешка е да се обвинувате себеси дека не сте доволно силни и ефикасни во исполнувањето на она што се очекува од вас, бидејќи причините се од другата страна: неразумни рокови, премногу обврски, лош менаџмент, слаба комуникација и поддршка. Ако ги препознаете симптомите со кои вашето тело јасно ви порачува „вака веќе не може“, време е да ги преиспитате целите и да ги развиете следните навики што ќе ви го направат животот поквалитетен.
1. Најдете време за себе:
„Резервирајте“ време во распоредот за она што ви годи, исто како што би направиле за која било друга обврска. Испијте на мир шолја од омиленото кафе, прочитајте нешто што ви годи, слушајте музика, вежбајте.
2. Делегирајте задачи и поставете граници:
Разберете дека не можете и не морате сè сами. Делегирајте задачи кога и да е тоа возможно и поставете јасни граници за да го заштитите вашето лично време.
3. Воспоставете систем на поддршка:
Опкружете се со мрежа на пријатели, семејство или колеги кои ве разбираат и ве поддржуваат. Споделете со нив чувства и грижи.
4. Развивајте здрави навики:
Сè повеќе има рецепти за здрави и брзи оброци, па прошетајте до најблискиот пазар, одберете некои од омилените намирници и подгответе храна дома. Бидете активни, било да станува збор за кратка прошетка во текот на денот, јога, трчање, важно е да одвоите барем половина час за физичка активност. Не се откажувајте од слободните денови, викендите, ниту од годишниот одмор.
На крај, имајте на ум дека опоравувањето трае и затоа дајте си време. Доколку и покрај сè што сте презеле сè уште се чувствувате како хрчак во тркало што никако не стигнува до целта, не двоумете се да побарате психолошка поддршка. Слушајте го вашето тело дури и ако работите работа што ја сакате, бидејќи burnout може да биде поинтензивен кај такви лица. Можеби ќе заборавите на времето додека работите нешто во кое уживате, но не дозволувајте да „изгорите“.