Вест

Уживај во SPA ритуалите во својот дом

Вест
Ништо не го подобрува расположението толку брзо како неколкуте часа што ќе си ги посветиме исклучиво на себе.

Уживање во добра книга, подготовка на вкусна вечера, тренинг, прошетка или време за нега и разубавување. Ова последново обично го поврзуваме со салони за нега или spa центри, но некои од третманите што влијаат и на убавината и на доброто чувство можеме да ги подготвиме и дома. За добра атмосфера пуштете ја вашата омилена песна, сварете шолја домашно кафе и испробајте некој од овие ритуали!

Топла бања или долго туширање

Ритуалот на средување е идеално да се започне со миризлива бања бидејќи топлата вода смирува и влијае на проширување на порите, за нашата кожа да биде подготвена за понатамошен третман. Во текот на овој ритуал пожелно е да се користи нешто погруб сунѓер за со блага ексфолијација на телото да се отстранат нечистотиите, но и мртвите слоеви на кожата и да се добие она нежно, кадифено чувство.

Свежо мелено кафе за мазно тело

Во SPA центрите во некои делови на Русија, во рамки на третманите се користи талог од свежо мелено кафе како пилинг за тело. Овој едноставен, а ефикасен третман можете да го спроведете и дома така што на влажна кожа ќе втриете талог од кафе и ќе го оставите да се исуши неколку минути. Талогот од кафе е нежен, делува како природен ексфолијант и помага при отстранување на сувите, мртви слоеви на кожата од телото. Исто така, кофеинот од кафето веднаш помага во тонирање, како и во намалување на иритациите на телото.

Нега на лице на азиски начин

Лицето бара дополнителна нега, па затоа во салоните посебен фокус е на типот на кожа врз основа на кој се избираат и состојките и видот на третманот. По времето поминато во салон, се чувствуваме свежо, а кожата ни изгледа одморено и сјајно. Токму таков третман, кој има за цел подмладување и чувство на блескавост, можеме да подготвиме дома. Главната состојка е оризот, кој се користи за длабинско чистење на кожата и отстранување на вишокот маснотија. Шолја ориз треба да се потопи во врела вода и да се остави да стои 30 минути за оризовиот скроб да исплива на површината. Кога ќе се олади, водата измешајте ја со оризово брашно за да добиете густа паста. Добиената  текстура нанесете ја на лицето и оставете ја 10-15 минути за да се стврдне, а потоа исплакнете го лицето со ладна вода. Ќе добиете мазна кожа која е хидрирана. Повторувајте го овој третман еднаш неделно и за само неколку недели вашата кожа ќе изгледа поодморено, а лицето посвежо.

Природни пакувања за коса

Најчеста грешка кај негата на косата во домашни услови е претерувањето со користење маски и регенератори. Доколку имате проблем со опаѓање на косата, ако ви се заплеткува лесно или темето се масти, најдобро е да користите благи, што поприродни шампони. Исто така, хранливите маски можат да помогнат косата да добие сјај и волумен, и да се крши и пука помалку на врвовите. Едно од најдобрите масла во светот што се користи за нега на коса е кокосовото масло! Доволно е да го растопите (бидејќи инаку е во цврста состојба) и рамномерно да го нанесете на косата. Потоа ставете капа за туширање и оставете да стои неколку часа, а потоа темелно измијте ја косата. Ќе добиете сјајна и еластична коса како од фризерски салон.

Масажата на темето од само неколку минути може значително да ја подобри циркулацијата и, покрај чистата коса, да придонесе за подобро чувство во целото тело. За масажата да биде што попријатна, можете да направите маска од алое вера и јогурт. Алое верата е одлична за нега на сува кожа на главата која е склона кон лупење. За оваа маска ви се потребни 4 лажици гел од алое вера, 3 лажици јогурт и 2 лажици маслиново масло. Соединете ги состојките во еден сад, а за нанесување можете да користите четка за фарбање или едноставно да ја нанесете маската со раце. Оставете да делува околу половина час, па обидете се да ја исплакнете косата со што постудена вода; оваа техника ќе ѝ додаде на косата сјај и волумен. Неколку минути пред сушењето, држете ја косата завиткана во крпа, сепак домашните ритуали се разликуваат по тоа што можат да траат подолго!

Третман на раце и стапала

Рацете ни се склони кон сушење поради честото миење, а стапалата во текот на зимскиот период исто така стануваат груби. Токму затоа педикирот и маникирот заземаат посебно место во секој beauty салон, кој исто така можете да го имате и во својот дом. Што ви е потребно? Бања или пилинг, турпии за средување на ноктите, како и многу хидратантна крема за на крај. Доколку сакате да ги отстраните бактериите и нечистотиите, секогаш можете да користите сода бикарбона која обезбедува одличен третман за нега на кожата. Доколку страдате од уморни стапала, предлагаме во бањата да ставите масло од еукалиптус, бидејќи помага во ублажување на болката и дава пријатно и освежувачко чувство.

Овие мали ритуали и здрави навики не само што ќе ви заштедат пари, туку и време што би го поминале одејќи во салон. Здравите навики, како времето што си го посветуваме себеси, можат да придонесат за поголема самодоверба, подобро чувство и расположение.

Вест
Се вчитува