Од сите страни често се слуша дека треба да бидеме поквалитетен родител, партнер и колега, да работиме на себе, да ги прекинеме токсичните односи, да ги освестиме причините за проблемите што мислиме дека ги имаме… долга е листата на сè што треба да се направи за да бидеме подобри и за да ни биде подобро.
Слушаме и за тоа колку е важно на патот кон остварување на било која цел да си посветиме време на себе, но тоа е совет што многумина ќе го одложат за некои „полесни“ времиња - кога децата ќе пораснат или барем до следното унапредување. Меѓутоа, овој совет во принцип навистина е значаен и мора да се освестиме дека е од исклучителна важност да го примениме и во пракса, па во продолжение прочитајте зошто е важно и пожелно да се ставите себеси на прво место и кои се последиците од занемарување на сопствените потреби.
Што навистина значи да бидеш добар кон себе?
Во денешното брзо темпо на живот грижата за себе се третира како луксуз резервиран за оние што имаат многу слободно време. Меѓутоа, таа многу го надминува самоугодувањето и е многу повеќе од миризливи бањи, масажи и медитација. Станува збор за негување на најважниот однос што ќе го имате во животот — оној со самите себе.
Пред да ги преиспитате односите со другите што ви ја црпат енергијата, запрашајте се какви сте кон себе. Дали ви се случува понекогаш да заборавите да јадете? Дали сте подобри кон другите отколку кон себе? Дали чувствувате вина кога не сте продуктивни? Доколку се пронаоѓате во вакво однесување, можно е да сте научени да се прифаќате себеси преку постигнувања и преку тоа колку сте добри кон другите. Последицата е дека не ги согледувате своите потреби, туку се гледате себеси преку туѓи очекувања, брзајќи од една во друга улога „на автопилот“.
Не дозволувајте да „изгорите“
Суштината е во тоа дека тешко можеме квалитетно да ја исполниме било која животна улога ако ги занемариме сопствените потреби. Дел од грижата и љубовта кон другите е прво да се сакаме себеси, а тоа значи грижата за себе да ја ставиме на прво место. Времето посветено на себе и јасно поставените граници ќе ни помогнат полесно да се носиме со секојдневните обврски и да спречиме ситуација под товарот на обврските да „изгориме“.
Еве неколку совети како да се грижите за вашето „внатрешно дете“:
Запрашајте се како сте: Дали би дозволиле вашето дете да биде гладно или свесно би му ускратиле сон? Сигурно не, и затоа не правете го тоа на себе. Слушајте ги телото и умот за да ги задоволите елементарните потреби за сон, храна и позитивна средина.
Поставете граници: Ова е еден од најважните начини на грижа за себе и се состои во тоа јасно да им ги предочиме на другите нашите очекувања и да инсистираме на доследно почитување. На пример, нема повици по телефон по 22 часот, не обрнувајте внимание на советите што не сте ги ни побарале, нема парични позајмици и сл. Тука спаѓа и прочуеното „не“, кое не е секогаш лесно да се изговори, но е многу важно кога ви е потребно време за себе или кога нешто ве исцрпува.
Не бидете „бели витези“: Во психологијата синдромот на белиот витез се однесува на личности кои имаат постојана потреба да ги „поправаат“ другите луѓе, особено во партнерските односи. Трошењето време и енергија за помагање на другите често ги води „спасителите“ во burnout.
Одморот е OK: Важно е да прифатите дека не мора постојано да бидете продуктивни. Дозволете си одмор без чувство на вина. Одвојте секој ден момент за размислување, полнење батерии и активности што носат радост и исполнетост – добра книга, серија, топла бања, масажа или шолја кафе што ќе ја испиете во целосен мир.
Исто така, начинот на кој се однесувате кон себе често влијае на тоа како другите ќе се однесуваат кон вас. Кога давате приоритет на грижата за себе и посветувате време на својата благосостојба, им испраќате порака на луѓето околу себе дека вашите потреби се валидни и заслужуваат внимание, што е добра основа за градење квалитетни односи.
Покрај сè, бидете свесни дека кога доследно им давате приоритет на своите потреби и учествувате во активности што се во согласност со вашите вредности, ја зајакнувате и самодовербата, а знаеме колку е таа важна за остварување на целите. Затоа, не ставајте се себеси на „hold“ – најдете време и посветете се на себе!